Алфред Гисласон нема да си замине од функцијата селектор на германската репрезентација откако исландскиот стратег ја доби довербата на целокупниот Извршен Одбор на федерацијата.
Германските медиуми информираат сите единаесет членови на извршниот одбор дале позитивна оценка за работата на 64-годишниот стратег, кој успеа да ја внесе репрезентацијата во полуфиналето на ЕП 2024. Неговиот селекторски извештај бил прифатен, по што е дадено зелено светло на Гисласон да му биде понуден нов договор.
Целта е германскиот национален тим да не го менува кормиларот до СП 2027, што ќе се игра во оваа земја, а Гисласон ќе има доволно време за целосно да го комплетира процесот на смена на генерации во националниот тим.
„Алфред е вистинскиот човек за нас. Сакаме да остане, знаеме дека и тој го сака истото, потписот на новиот договор е само прашање на време“, изјави првиот човек на Германската Ракометна Федерација, Уве Швенкер.
Следен предизвик за германскиот национален тим е олимпискиот квалификациски турнир што се ќе одржи во Хановер. Таму Германија за ривали ќе ги има Хрватска, Австрија и Алжир, а најдобрите две селекции ќе обезбедат билети за ОИ во Париз.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

