Борусија Дортмунд неочекувано загуби на првиот натпревар на домашен терен против Монако со 2-3, но тоа беше меч што „милионерите“ го одиграа во шок, неполни 24 часа по експлозиите во неспоредна близина на нивниот автобус при што посериозна повреда заработи Марк Бартра. „Милионерите“ во саботата славеа над Ајнтрахт, па сега со зголемена самодоверба и поголема фокусираност на случувањата на теренот веруваат во чудо на реваншот на „Луј втори“.
„Треба да одиграме онака како што знаеме, доколку успееме во тоа можеме да успееме во она што за многумина е „невозможна мисија“. Имаме навистина квалитетен тим, способен да победи со два гола разлика против секој ривал. Ќе напаѓаме и ќе настојуваме да создадеме што повеќе шанси, тоа е нашиот заштитен знак, но мораме да престанеме да ја губиме топката на сопствената половина, нешто што премногу ни се случуваше на првиот меч во Дортмунд“ – истакна тренерот Тухел.
Огромен плус во играта на „милионерите“ e враќањето на капитенот Марко Ројс, со кого играта во офанзива на Борусија е на далеку повисоко ниво. Тој ги надмина проблемите со повредата, настапи против Ајнтрахт и сега е подготвен повторно да го предводи својот тим во обидот да се победи со два гола разлика во Монако. „Милионерите“ на досегашните гостувања во Франција има скор од две победи, две реми и четири порази, а на последниот меч во оваа земја успеа да слави на „Велодром“ над Олимпик Марсеј со 1-2.
Монако продолжува со феноменалната сезона во која „кнезовите“ не само што се први во домашното првенство, туку чекорат и кон полуфиналето од елитното европско натпреварување.
„Имаме предност од првиот меч, но нема да се браниме бидејќи немаме намера да го промениме нашиот стил на игра. Очекуваме Борусија да игра многу подобро, ќе биде посилна за Кастро и за Ројс, а на нас е да не отстапиме својата филозофија“ – изјави тренерот Жардим, кој за овој меч нема да може да смета на суспендираниот Фабињо.
„Кнезовите“ досега имаат претрпено само еден пораз на домашен терен од ривал од Германија, и тоа од Борусија Менхенгладбах со 0-1 во 1996 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА