Шпанија и Германија ремизираа 1-1 во првото дерби на поранешни два светски шампиони на мундијалот во Катар, меч што го одбележа тактичко надмудрување на двете страни во првото и по еден гол во мрежите на Нојер и на Унаи Симон во второто полувреме.
„Црвената фурија“ имаше повеќе од играта, како и првата убава шанса кога Нојер со многу среќа и помош на гредата спречи водство на избраниците на Луис Енрике. Германија пред крајот на полувремето успеа да постигне и гол преку Ридигер, но погодокот беше поништен поради офсајд на дефанзивецот на Реал Мадрид.
Резервистите беа во главна улога во второто полувреме, откако Алваро Мората само неколку минути по влегувањето во игра го матираше Нојер со мајсторски удар на асистенција на Жорди Алба.
Германија мораше целосно да се отвори, во игра влезе Филкруг, a токму асот на Вердер стрелаше прецизно спречувајќи Германците за првпат во историјата на светските шампионати да отворат еден мундијал со два порази во низа. Германија имаше одлична шанса за целосен пресврт во 96. минута, но Лирој Сане премногу компликуваше и оваа ситуација не беше искористена.
Германија мора да слави во последното коло против Костарика, но и да се надева дека на вториот меч меѓу Шпанија и Јапонија нема да биде реми, исход што би значел елиминација на Германците од овој мундијал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА