Германската ракометна јавност реагираше со критика и со недоверба кон селекторот Кристијан Прокоп во изборот на 16 ракометари што ќе настапат на ЕП во Хрватска. Германија е бранител на титулата и трет противник на Македонија во групата Ц од прелиминарната фаза на ЕП.
Во изборот на Прокоп, најголемо изненадување предизвика изоставувањето на тројца ракометари од „златниот“ состав кој на ЕП 2015 во Полска ја освои европската титула тогаш под водство на Дагур Сигурдсон. За одбраната на титулата на ЕП во Хрватска, Прокоп ги изостави Руне Дамке (Кил) и реши на лево крило да биде само Уве Генсхајмер. Во неговиот состав нема место ни за дефанзивецот Фин Лемке (Мелсунген), ни за Фабијан Виде (Фуксе Берлин). Но, во составот за ЕП се вклучени Максимилијан Јанке и Бастијан Рошек од неговиот Лајпциг како четврти пикер.
„Ако германската репрезентација не постигне успех, тогаш ќе има голем притисок врз селекторот за неговата одлука. Но, ако тој мисли дека неговата филозофија е подобра за нив, тогаш изборот е легитимен. Ако успее тогаш неговиот избор ќе биде исправен. Ако не ќе биде тешко да објасни“ – истакнува поранешниот германски репрезентативец сега стручен комантетор, Даниел Штефан во анализата за германските медиуми.
За легендарниот Хајнер Бранд, ова е „,многу храбра одлука на Прокоп“. Но, долгогодишниот прв човек на клупата на Германија сепак, остава простор за промена на одлуката, односно за вклучување на Руне Дамке и посебно на Лемке во оние дозволени измени во составот во текот на првенството
„Кој знае, можеби Фин Лемке ќе се врати и ќе одигра уште едно полуфинале од соништата против некој од Топ тимовите“ – изјави Хајнер Бранд.
Во меѓувреме, германските медиуми со анкета го испитуваат мислењето на јавноста за одлуките на селекторот Кристијан Прокоп.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА