Германците победуваат и со пола сили на ЕВРО 2024

Германија е првата селекција со обезбеден пласман во осминафиналето на ЕВРО 2024 откако домаќинот на вториот меч од групата А ја забележа и втората победа, овојпат над селекцијата на Унгарија со 2-0. Германците не делуваа така мотивирано како на отворањето со Шкотска, па рутински и со „половина гас“ ја одработеа задачата на денешниот меч, заслужено стигнувајќи до нови бодови.

Од самиот почеток стана јасно дека германските фудбалери трпеливо ќе чекаат шанса за гол, не искористија неколку полушанси во противничкиот шеснаесетник, но затоа првата стотпроцентна ситуација беше претворена во водечки погодок. Мусиала го постигна водечкиот погодок откако Гундоган втрча во шеснаесетникот, влезе во дуел со Орбан по што унгарскиот дефанзивец падна, судијата Макиеле не досуди ништо, а во продолжението од акцијата Мусиала стрелаше прецизно во мрежата.

Унгарците два пати се заканија преку Собослаи, но асот на Ливерпул не успеа да го совлада Нојер и на одмор се замина со минимално водство на Германците. Сличниот рецепт на Нагелсман остана на дело и за вториот дел, домаќините трпеливо чекаа, а кога им се укажа можност рутински стигнаа до 2-0, овојпат стрелец беше Гундоган на асистенција на левиот бек Мителштат.

Остатокот од мечот мина во отворен фудбал во кој и двете селекции имаа свои шанси да ја затресат противничката мрежа, но шансите не беа искористени и овој натпревар заврши со триумф на Германија од 2-0.

Се вчитува...