Германците се ептен трпеливи: Флик ќе го преживее и јунското фијаско

Германија нема да го менува селекторот во текот на летово без оглед на катастрофалните игри и резултати на повеќекратниот светски првак под водство на Ханси Флик.

Критиките кон селекторот и кон фудбалерите станаа уште погласни по последното фијаско и поразот на домашен терен од Колумбија од 0-2, но директорот Руди Фелер и претседателот на федерацијата, Бернд Нојндорф, се решени да го задржат Флик на функцијата до европското првенство на кое Германија ќе биде домаќин наредното лето.

„Секако дека сме разочарани од она што се случува со националниот тим. Разговараме со Флик, тој е многу самокритичен, исто како и голем дел од фудбалерите. Сепак, селекторот ме убедува дека во септември ќе видиме една сосема поинаква репрезентација на теренот“, изјави Нојндорф за германските медиуми.

Главен „виновник“ за останувањето на селекторот ќе биде директорот Руди Фелер, кој безрезервно го поддржува Флик, вината за последните порази барајќи ја исклучиво кај фудбалерите.

„Мислам дека се уште имаме добар тим. Селекторот сакаше на овие пријателски средби да им даде шанса на сите играчи, но јасно е дека некои од нив нема да видиме во составот во септември, бидејќи едноставно не се доволно добри да играат за Германија“, прокоментира Руди Фелер по вчерашниот пораз од Колумбија.

Се вчитува...