Навивачите на Келн направија низа инциденти пред гостувањето на овој тим во Лондон против Арсенал, но сега германските власти се соочуваат со слични проблеми на своја кожа, бидејќи во Келн пристигнаа „Делије“ за вечерва да ги бодрат фудбалерите на Црвена звезда во рамките од второто коло во Лигата на Европа.
Српските медиуми најавуваат присуство на 5.000 приврзаници на српскиот вицешампион, од кои 2.500 ќе допатуваат од Белград, а останатите 2.500 од околните градови ширум Германија.
Во текот на вчерашниот ден беа уапсени неколку српски фанови меѓу кои и Иван Богданов, но тие утрово беа пуштени на слобода откако било утврдено дека нема причина зошто би биле задржани во притвор.
Германците тврдат дека над 2.300 полицајци се наоѓаат на терен низ улиците на овој град, се со цел да се спречат евентуални инциденти. Од таа причина денеска се преземени и посебни мерки за безбедност, па факултетите и училиштата работат со скратено работно време.
Властите се надеваат дека ќе се спречат инциденти пред и за време на натпреварот, но јасно е дека е доволна само мала „искра“ за да дојде до конфликт, па се прави се за српските фанови да се изолираат во Келн и да не дојде до пресметка со германските навивачи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА