Најголемиот македонски стадион „Телеком арена“ би можел да влета како домаќин на Европското првенство во 2020 година, тврди германскиот портал „Стадионвелт“.
Како што пренесуваат Германците, УЕФА се соочува со отворени проблеми околу изградбата на стадионот во Брисел каде треба да се одиграат три натпревари од групната фаза и еден осминафинален дуел. Но, рокот за почеток на изградбата е тотално надминат. До денеска воопшто не е стартувано ниту со деталната изработка на проектот за стадионот, а не почеток на изградбата.
Токму поради тоа УЕФА, како што пишува „Стадионвелт“ ќе бара резервна опција за домаќин на ЕП 2020, а во конкуренција се шест стадиони, од оние кои претходно аплицираа за домаќини на ЕП 2020 а беа одбиени. Како што е познато, УЕФА одлучи ЕП 2020 да се игра во 13 земји од Европа, за првпат во историјата.
Македонија аплицираше за домаќин на ЕП 2020, но беше одбиена нашата кандидатура. Сега „Телеком арена“ е во комбинација да го замени стадионот во Брисел, ако не се успее со неговата изградба, а во конкуренција се уште и стадионите во Стокхолм, „Васил Левски“ во Софија, „Милениум“ во Кардиф, „Колек“ во Ерусалим и „Трактор“ во Минск.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА