Репрезентацијата на Германија го освои првото место во Групата Ц на Светското првенство во Франција откако во дерби пресметката од групата славеше против Хрватска со убедливи 28-21 (13-9).
Без никакви проблеми Германците стигнаа до победата, која ја градеа уште од самиот почеток, Се стекнаа со предност, а потоа рутински ја одржуваа во текот на целата средба. Во финишот стигнаа и до убедливи седум гола разлика.
Најефикасен кај Германците беше Винцек со 6 гола, а Хафнер постигна пет погодоци. Кај Хрватите, пак, по пет гола постигнаа Штрлек и Степанчиќ.
Во осминафиналето Германија ќе игра со селекцијата на Катар, додека Хрватска, како второпласирана од Групата Ц ќе се соочи со третопласираната селекција од Групата Д, Египет.
Токму Египет во последниот натпревар од групната фаза загуби од Шведска со 33-26, по што Швеѓаните како второпласирани ќе завршат во Групата Д, со еден пораз од селекцијата на Данска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА