Се е подготвено за стартот на завршниот турнир од кошаркарскиот Куп на Македонија, кој претстојниот викенд ќе се одржи во Гевгелија. Кожув и Блокотехна се согласија заеднички да бидат организатори на ова натпреварување, со поддршка на општина Гевгелија, се со цел овој град да биде одличен домаќин.
„Сакам да искажам благодарност до куќата на кошарката за укажаната доверба нашиот град да биде домаќин на овој завршен турнир. Гевгелија е кошаркарски град, единствен покрај Скопје со две екипи во Првата лига и ќе ја оправдаме укажаната доверба. Лично како домаќин, посакувам локално финале Блокотехна – Кожув, секој има право да се надева така и јас. Ветувам дека ќе бидеме одлични домаќини, дека градот ќе диши во духот на кошарката и дека ќе се навива максимално спортски“ – изјави Градоначалникот на Гевгелија,Сашко Поцков.
Задоволство од досегашната соработка со градот Гевгелија изрази и директорот на МКФ, Владимир Темелковски.
„По претходната беспрекорна соработка, преку турнирот „Три на три“, па и дуелот на Македонија со Косово, феноменалната атмосфера, не натера да го избереме токму овој град за домаќин на претстојниот завршен турнир. Двата клуба, Блокотехна и Кожув, ги покрија сите финансиски трошоци околу организацијата на овој турнир, што заедно со спортската атмосфера што ја нуди овој град е причина да веруваме во беспрекорна организација на овој турнир, кој ќе биде празник на кошарката“ – изјави директорот на МКФ, Владимир Темелковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА