Кожув е вториот финалист на завршниот турнир од Купот на Македонија откако домаќините ја искористија поддршката од фановите во преполната сала и заслужено триумфираа над Гостивар со убедливи 91-72. Охрабрени по големата четвртфинална победа над Куманово, кошаркарите на Кожув одиграа уште еден квалитетен меч, целосно го диктираа темпото и резултатот и обезбедија пласман во финалето каде утре ќе се сретнат со бранителот на трофејот МЗТ Скопје.
Гостивар вчера направи подвиг со победата над ТФТ, но искусниот состав предводен од тренерот Малинков немаше сили за ново изненадување во Гевгелија. Гостиварци парираа само во првите десет минути во кои имаа негатива од само три поени (23-20), но снемаа сили во вториот период што Кожув го доби со преубедливи 27-6 и практично го реши прашањето на победникот.
Кошаркарите на Кожув знаеја како да го контролираат резултатот, Гостивар во ниту еден момент не се приближи посериозно, па домаќините на крајот заслужено славеа со конечните „плус 19“.
Стевановиќ беше клучна фигура на овој натпревар со вкупно 34 поени, Пилепиќ постигна 11, а Вилсон 10 поени за победничкиот тим, додека најефикасни кај Гостивар беа Митевски со 15 и Соколов со 14 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА