Гевгелија слави: Кожув по голема борба го совлада Работнички

Кожув се вклучи во трката за висок пласман во Првата лига откако тимот од Гевгелија вечерва славеше над Работнички со 81-79, трет триумф во низа за ова екипа, четврти во последните пет прволигашки рунди. Дуелот беше максимално интересен и неизвесен до самиот крај, а на крајот го реши Американецот Вилсон, постигнувајќи ги поените за победа во последниот напад на Кожув на натпреварот.

Домаќините беа подобри по првата четвртина што ја добија со 21-18, но Работнички успеа да се врати и во втората четвртина го сврте резултатот во своја полза, на одмор заминувајќи со 38-40, по серијата поени на Андреј Шошкиќ. Скопјани го контролираа резултатот и во третиот период, а во четвртата четвртина на 5:30 минути до крајот имаа девет поени предност (59-68).

Суперинтересно беше во завршната минута, откако по поените на Шошкиќ, Вилсон од линијата за слободни фрлања донесе водство на Кожув од 79-78. Беше досуден прекршок и на спротивната страна, но Шошкиќ погоди само едно од двете слободни фрлања. Вилсон презеде одговорност и погоди од поле за 81-79, Работнички имаше два обида во последниот напад, Ефремовски промаши тројка, потоа обидот на Полутак по офанзивниот скок беше изблокиран, по што гевгеличани бурно ја прославија големата победа.

Пилепиќ беше прв стрелец на Кожув со 27 поени, Вилсон реализираше 18 поени и 11 асистенции, додека Колев придонесе со 16 поени во овој триумф. Кај Работнички најефикасни беа Шошкиќ со 26 и Ефремовски со 18 поени.

Се вчитува...