Гевгелија слави: Кожув по пет години го победи Пелистер

Кожув стигна до голема победа во прволигашката конкуренција откако кллубот од Гевгелија на домашен терен го совлада Пелистер со убедливи 91-73. Кожув беше без триумф над „пелистерци“ нецели пет години (од крајот на февруари 2020 година), но денеска „црвено-белите“ одиграа беспрекорни 40 минути со кои апсолутно ја заслужија големата победа, прекинувајќи ја црната серија од девет порази од битолскиот прволигаш.

Од самиот почеток стана јасно дека домашните кошаркари максимално мотивирани влегуваат во мечот. „Пелистерци“ преку Мишковиќ и Бојиќ одолеваа на притисокот во почетните десет минути, но потоа Кожув заигра уште подобро во одбраната, дополнително се одлепи (24-12 во втората четвртина) и на одмор замина со убедливи 52-35. Пелистер минатиот викенд со голем пресврт стигна до победа над Гостивар, но вицешампионот овојпат немаше сили за нешто слично.

Главни „виновници“ за тоа се кошаркарите на Кожув, кои одиграа одлично до самиот крај, знаеја како да го исконтролираат резултатот и да слават убедлива победа.

Стевановиќ со 31 поен и седум скокови беше клучна фигура во големиот триумф на Кожув, а Американецот Вилсон го заврши натпреварот со 16 поени и осум асистенции, додека капитенот Колев реализираше 11 поени, 4 скока и 5 асистенции. Најефикасни кај Пелистер во ова бледо издание на актуелниот вицешампион беа Мишковиќ со 19 и Сојановиќ и Бојиќ со по 11 поени.

Се вчитува...