Отварањето на 20. коло во Првата кошаркарска лига донесе возбудлив натпревар во СЦ „Јане Сандански“ каде во неизвесна завршница над Феникс 2010 славеше Кожув и тоа благодарение на Фран Пилепиќ кој приреди свое шутерско шоу во послените две и пол минути од средбата.
Неизвесниот натпревар беше наговестен уште од самиот старт на средбата во кој двата тима не се пофалија со учинокот во нападот за 18-16 по 10. минути игра. Работите не се променија ниту до полувремето, скопскиот и гевгелискиот тим го менуваа водството па на паузата на семафорот стоеше резултат 37-37.
Третата четвртина донесе подобра игра во нападот кај двата тима, но изедначеното темпо остана на паркетот за 62-61 пред одлучувачките десет минтути, а прашањето за победник го реши Фран Пилепиќ со своја серија од три тројки во низа на две и пол минути пред крајот на средбата за кои избраниците на Дервишевиќ немаа одговор.
Со по 12 поени Бертранд и Шепард беа лидери на Феникс 2010, додека 20 поени за Кожув постигна Стевановиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА