Женската ракометна репрезентација на Македонија по пауза од десет години се враќа на големите натпреварувања, откако од 4. до 20. ноември ќе биде домаќин заедно со Словенија и Црна Гора на Европското првенство.
Македонија се најде во тешка група заедно со репрезентациите на Франција, Холандија и Романија. „Црвено-жолтите“ девојки ќе имаат многу тешка задача да ја минат оваа група, но целта е да се земе скалпот на некој од фаворитите.
Една од најдобрите ракометарки во репрезентацијата, Леонида Гичевска пред почетокот на шампионатот за ЕКИПА.МК вели дека иако е тешка групата тие мора да пробаат да ги искористат фаворитите.
„Европско првенство е нешто што секој би сакал да го игра, па така што секоја од нас треба прво да ужива, а потоа и да даде се од себе на секој меч. Треба сите да се дадеме и да играме со срце за Македонија и за себе и да го живееме својот сон. Првично кога ја дознавме групата сите коментари беа „како можеше да ви се падне најтешката група“, но јас сметам дека на Европско првенство не постои слаб противник, на Светско можеби и има, но тоа не е таков случај тука. Затоа ние како домаќини треба да ја искористиме оваа шанса најдобро што можеме и најдобро што знаеме, да играме максимално и да не дозволиме да има некаков притисок или нервоза. Против сите три репрезентации треба да играме без калкулации. Ако имаме шанса јас верувам во мојата екипа дека ќе ја искористиме и ќе се пласираме во главната рунда на Европското првенство“, вели Гичевска за ЕКИПА.МК.
Македонија шампионатот го почнува на 5. ноември со мечот против актуелниот олимписки шампион Франција. Два дена подоцна играме со Холандија, додека првата групна фаза ја завршуваме со мечот против Романија на 9. ноември.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА