Гигантите и бегаат на УЕФА, тајни преговори за Супер лига

Најголемите европски клубови одржувале тајни состаноци за формирање на Европска Супер лига тврди германскиот „Der Spiegel“. Магазинот објавува документи според кои лигата на „избеганите“ би требало да почне во 2021 година, а тимовите дури и би ги напуштиле националните првенства.

Според информациите од таканаречените „свиркачи“ Реал Мадрид се здружил со Милан, Арсенал, Барселона, Баерн Минхен, Јувентус и Манчестер Јунајтед и формирале група која работела зад грбот на УЕФА. Тие одржувале состаноци на кои дури и се зборувалo дека дел од планот треба да биде и напуштање на националните првенства и на федерациите.

Во новата лига, според тврдењата ќе учествуваат 11 клуба наречени „основачи“, а ќе им се придружат уште пет кои би биле „гости на иницијативата“. Предвидено е „основачите“ во кои покрај седумте иницијатори се и Челси, Ливерпул, Манчестер Сити и ПСЖ, да имаат привилегирана позиција и за нив да нема испаѓање од Лигата и да имаат загарантирано учество 20 години.

Таканаречените „гости“ треба да бидат Атлетико Мадрид, Борусија Дортмунд, Интер, Рома и Марсеј.

Засега дел од клубовите демантираат, дел не сакаат воопшто да коментираат, дел уште воопшто не одговориле на прозивките.

Овие информации потекнуваат од „Footbal Leaks“ порталот кој најави дека ќе објави сензитивни документи поврзани со работата на ФИФА. Не е тајна дека целата документација потекнува од хакерскиот напад на Светската фудбалска асоцијација во април годинава.

 

 

Се вчитува...