Селекторот на репрезентацијата на Франција, Гијом Жил вели дека неговите ракометари се еднакво возбудени како и македонските од денешниот старт на Европското првенство 2024 во Германија и меѓусебниот меч кој ќе се одигра на „Меркур Шпиел Арената“ во Дизелдорф, која всушност е фудбалски стадион адаптиран за денешниот ракометен спектакл.
Жил е свесен дека Франција е огромен фаворит во пресметката со Македонија, но знае дека ова е специјален натпревар кој ќе треба да се одигра во максимално издание пред 50.000 гледачи кои со нетрпение очекуваат да бидат дел од историјата.
„Не може да сокриеме дека сме возбудени, посебно откако видовме како добро е подготвена оваа арена. Не смееме да заборавиме дека играме специјален натпревар, на фудбалски стадион и тоа носи мотив и за двете селекции, но знаеме дека мора да го добиеме мечот. Иако сме фаворити против Македонија тоа треба да се покаже на терен. Возбудата на страна, на терен ќе мора да го покажеме сиот свој квалитет“ – вели Жил во пресрет на денешниот натпревар.
Пресметката на Македонија и Франција на стартот на ЕП 2024 е закажана од 18 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

