Огромно е незадоволството во хрватската јавност по катастрофалното издание на „коцкестите“ и поразот од убедливи 3-0 од селекцијата на Шпанија на стартот од ЕВРО 2024.
Следниот меч против Албанија е „да се биде или не“ за Хрватите, а весникот „Спортске Новости“ објави анкета прашувајќи ги фановите кои првотимци од мечот со Шпанија треба да се преселат на клупата за резерви за следниот дуел на оваа селекција на европскиот шампионат.
Во анкетата учествуваа над 10.000 лице, а на врвот со дури 23% од вкупните гласови се најде Марсело Брозовиќ. Искусниот играч за врска долго време е стандарден кај селекторот Далиќ, но падот во формата по преселбата во Саудиска Арабија е и повеќе од очигледен, па фановите бараат тој да не биде стартер против Албанија.
На второто место во ова гласање е дефанзивецот Марин Понграчиќ, кој слабо се снајде во одбраната против Шпанија, лошо се постави при првиот гол на Мората, а потоа и го заборави Карвахал при погодокот за 3-0.
Трет на оваа ранг-листа е Анте Будими со 15% гласови, пред Шутало со 12%, а интересно е дека дури 9% од оние кои гласаа сметаат дека капитенот Лука Модриќ не треба да биде стартер против Албанија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА