Главчев емотивен: Дојдовме во ситуација да се молиме некој да игра во А-репрезентацијата

Претседателот на КФСМ, Томица Главчев, на денешната промоција на новиот селектор отворено проговори и за проблемот што го мачи мак-баскетот веќе извесно време, упорното разговарање и молење на играчите да бидат дел од националниот тим.

Откако селекторот Илиевски најави дека дел од поискусните кошаркари најавиле дека нема да можат да присуствуваат во августовскиот прозорец, Главчев најави дека транспарентно ќе ги објави оние кои позитивно ќе одговораат, но и оние кои во иднина ќе одбиваат да го носат репрезентативниот дрес.

„Разговаравме со Илиевски за соработка на едно подолготраен проект. Кога дојдовме во федерацијата останавме без речиси сите селектори, како на сениорско ниво така и во младинските селекции. Во еден исклучително краток период бевме исправени пред обврската да ги пополниме тие места бидејќи пред нас се низа европски првенства. Разговаравме со поголем број на луѓе кои од нивни објективни причини откажаа, по сила на нештата бевме принудени да пополниме нешто во брзање. Сепак, ако сакаме оваа приказна да биде успешна, ние мораме да имаме контрола и над оние младински селекции. Овој стручен штаб на А-селекцијата покрај обврските во овие два прозорци, ќе има и задача за координација и следење на младите репрезентации. Не значи дека ние веднаш ќе направиме 200-300 играчи квалитетни за А-селекција, но ако сме искрени ние во моментов немаме играчи ниту да изброиме на една рака што се подготвени да влезат во сениорската репрезентација . Се молиме некој да дојде да игра во А-репрезентацијата, сите треба да тежнееме кон таа работа, ако ние не чувствуваме обврска да заиграме за таа селекција, се ни е џабе. Ние ќе бидеме транспарентни, за сите што се повикани, кои ќе прифатат или нема да прифатат. Тоа ќе се однесува и на најискусните, но и на најмладите, на кои нивните родители се најголеми селектори во младинската кошарка . Верувам дека нема да продолжиме да паѓаме како рејтинг, убеден сум дека тие кои ја чувствуваат селекцијата како мајка, ќе им овозможиме максимални услови, но и ќе бидеме транспарентни за сите оние кои ќе одбијат да играат за Македонија“, истакна Томица Главчев.

Се вчитува...