Убедливиот триумф на Блокотехна над Струмица од 97-57 е сосема очекуван, но она што го одбележа овој дуел во салата во Негорци беше извонредното издание на Горан Главчев. Капитенот на Блокотехна одигра меч за паметење, остварувајќи трипл-дабл од 16 поени, 10 скока и 10 асистенции. Горд на оствареното, Главчев како и секогаш останува скромен, најавувајќи уште понапорна работа во периодот што следи.
„Секако дека сум среќен и горд. Не бев свесен дека сум стигнал до трипл-дабл, ми кажаа во соблекувалната и славјето можеше да почне. Навистина не очекував такво нешто, но ова ќе ми биде само мотив повеќе да работам уште понапорно и можеби во иднина да го повторам овој подвиг и против некоја друга екипа“ – изјави Главчев за ЕКИПА.
Тој е задоволен и од дебитантската сезона на Блокотехна во елитното друштво, откако тимот од Гевгелија стигна до фајалфор тунирот во БИБЛ, додека во домашното првенство е зацврстен на втората позиција пред шампионот МЗТ Скопје.
„Амбициите на Блокотехна на почетокот од сезонава беа пласман во плејофот, но со тоа што го покажавме во досегашниот дел од сезоната секако дека тие пораснаа, бидејќи покажавме дека можеме да играме со секого и да победуваме. Сепак, не сакам да летаме многу високо, можам да кажам дека цел ни е да се плаираме во полуфиналето, а потоа да се покажеме во што е можно подобро светло“ – скромно изјавува капитенот на Блокотехна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА