Блокотехна има причина за радост на стартот од новата сезона, откако клубот од Гевгелија веќе во првото коло го зеде скалпот на МЗТ Скопје. Вицешампионот дојде како голем фаворит во салата „НОЕЛ“, но настрада пред максимално мотивираните домашни кошаркари. Блокотехна слабо го почна натпреварот, на моменти имаше и двоцифрена негатива, но домашните кошаркари предводени од тренерот Марјан Илиевски собраа сили за камбек и голема победа.
„Пред мечот најавив дека ќе се бориме и Блокотехна никогаш нема однапред да се предаде, тоа го потврдивме со своето издание на теренот. Во почетокот влеговме малку неодлучно, имавме доста избрзани напади, но не престанавме да веруваме во себе. И кога губевме со десет поени разлика имавме совети од тренерот да веруваме во себе, дека можеме да победиме доколку ја движиме топката. Мислам дека никој не очекуваше ваков исход, но пресудна беше одбраната и желбата да се победи. Резултатот ни ја зголемува самодовербата, но свесни сме дека ова е само прво коло и сезонава ни претстојат уште многу битки на домашната сцена“ – изјави капитенот Горан Главчев.
Екипата на Блокотехна во второто коло гостува во Кавадарци на тимот на Фени индустри.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА