Кошаркарската репрезентација на Македонија наскоро ќе добие нов селектор, откако раководството на КФСМ ја интензивираше потрагата пол стратег што би го заменил Алек Јончевски и веќе летово би почнал со сериозен ангажман, ако се знае дека во август нашиот национален тим го очекуваат претквалификациите за СП 2026.
Марјан Илиевски е последното име што се поврзува со оваа одговорна функција, станува збор за исклучително квалитетен стратег со добри познавања на македонската кошаркарска сцена. Воедно, Илиевски имаше и успешна соработка со претседателот Томица Главчев, кога двајцата со тимот на Блокотехна стигнаа до титулата во регионалната БИБЛ-лига.
„Сакаме што поскоро да именуваме нов селектор, во овој период разговаравме со неколку стратези, еден од нив е и Марјан Илиевски. Точно е дека како федерација би сакале Илиевски да ја води репрезентацијата во наредниот период, но станува збор за човек од кошарката кој веќе има ангажмани на нашата сцена. Тој се обидува да ги регулира сите обврски, во следните денови ќе добиеме конечен одговор и се надевам дека истиот ќе биде позитивен“, изјави претседателот на КФСМ, Томица Главчев, за ЕКИПА.
Воедно, тој даде и свој коментар околу тоа што ниту еден член на највисокото раководство на КФСМ не беше присутен на свечената церемонија за доделување на пехарот при крунисувањето на МЗТ Скопје.
„Искрено сум разочаран како само одредени луѓе не забележуваат за што всушност станува збор. Причините се добро познати за оние кои сакаат да ги видат, од случувањата на претходниот меч, па се понатаму… Исто така, кошарката не е во ваква незавидна состојба само овие последните денови или пак месеци, немаме долгови од овој период, туку од многу поодамна… за жал се соочуваме со ситуација од нас, луѓе од кошарката, да се бега како што порано луѓето се криеја од корона-вирусот. Реалната состојба е таква и ние не бегаме од тоа, но таква е веќе подолг период и ние како ново раководство ќе сториме се за да ја смениме, секако на подобро“, порачува Главчев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

