Главчев: Мојата рака е подадена за сите клубови, но ќе ми треба и ваша поддршка за подобра кошарка

Томица Главчев од денеска и официјално е нов претседател на КФСМ, откако успешниот бизнисмен од Гевгелија ја доби довербата на делегатите на Вонредното собрание и стана наследник на Перо Антиќ на чело на куќата на кошарката.

Главчев во обраќањето пред делегатите најави подобри денови за македонската кошарка, истакнувајќи дека ќе стори се за овој спорт да се врати онаму каде што заслужува.

„Морам да признам дека јас од самиот почеток не бев вклучен во оваа  иницијатива, можам да ви ветам дека луѓето кои ја истрчаа оваа фаза ќе бидат дел од мојот тим. Особено би сакал да го пофалам и да му се заблагодарам на Младен Ѓуроски за се што направи за да дојде до оваа фаза и до ова собрание. Во изминатите денови имав средби со голем дел од овие делегати, отворени разговори во кои ги претставив своите размислувања. Мислам дека наидовме на некои размислувања во кои правец ќе треба да ги тераме тие активности… се договоривме дека треба најпрвин трпението да го насочиме кон завршување на ова првенство, а потоа да имаме конкретни состаноци за делување и дејствување во иднина.

„Она за што јас размислувам во овој четиригодишен период, што ја покажува мојата сериозност, можам да ветам дека ќе има транспарентност на највисоко ниво. За мене приоритет ќе биде посета на сите градови, населени места и региони каде се игра кошарка, да седнеме да поразговараме најотворено за сите теми… Уште една работа за која ќе треба да размислиме е и стратегијата за настап и на сениорските, но и на младинските селекции. Тоа не опфаќа само именување на селектори, туку и наш сериозен пристап од секој аспект…

„Женската кошарка, е уште една точка од мојата програма, имав разговор со повеќе луѓе од овој аспект, тие се изненадени… еден наизглед не толку важен податок што сепак говори за актуелната ситуација… тие луѓе се жалат дека во последните месеци не се опфатени со ниту една информација од средствата за јавно информирање. Ние ќе разговараме посериозно на оваа тема, тие имаат некаква стратегија за нивните активности и ако имаат заеднички став, ние како федерација ќе го поддржиме, го имаат мој збор“

„Анализа на постојниот систем на натпреварување, за тоа зборувавме со голем број од прволигашите, но и со второлигашките екипи. Тоа ќе биде предмет на сериозна анализа и размислувања, но ве уверивам дека одлуките нема да ги донесеме ние како федерација, туку таа одлука мора да биде заедничка. Можеби следното натпреварувачко првенство нема да имаме можност тоа да го направиме, но ви ветувам дека ќе го сториме за онаа сезона што ќе следи“

„Додека бев активен претставник на кошаркарските прволигаши, треба да се направи сериозна анализа со Министерството околу стратегијата за странските играчи. Нашите странци кога настапуваат во нашите играчи, тие имаат некоја процедура за статусот во нашата држава што трае четири месеци. Затоа, ќе побараме подадена рака од државата, за овие работи да може да се завршат за пократок временски период. Кога станува збор за бројот на странците, сакам тоа да го решиме на следното Собрание, да ги слушнеме сите анализи и да донесеме конечна одлука“.

„Јас влегувам со ентузијазам во оваа функција, ви ветувам максимална транспарентност и соработка, мојата рака е подадена до сите вас, но нагласувам дека ќе ми треба поддршка од вас за сите заедно да го направиме она што го посакуваме – да ја вратиме кошарката онаму каде што треба“, истакна Главчев во своето обраќање до делегатите.

Се вчитува...