Блокотехна и МЗТ Скопје ќе ги одмерат силите во денешниот дерби-дуел што ќе се игра во 17.45 часот во Гевгелија, реприза на полуфиналето од ланскиот плејоф во кој тимот на Марјан Илиевски иако дебитант, одлично му се спротивстави на тогашниот шампион.
МЗТ Скопје во меѓувреме дополнително се засили, но кошаркарите на Блокотехна се решени да дадат се од себе за да го изненадат фаворитот.
„МЗТ има одлична екипа, квалитетни македонски играчи од кои речиси сите се репрезентативци, како и добри странски кошаркари. Во секој случај тие се фаворити, но ние сме Блокотехна и никогаш не се предаваме однапред. Ќе сториме се за да стигнеме до позитивен резултат пред нашите верни навивачи“ – истакнува капитенот на Блокотехна, Горан Главчев.
Блокотехна одигра бројни контролни натпревари во Македонија, Бугарија и Србија, како подготовка за оваа сезона во која за разлика од лани тимот од Гевгелија нема да учествува во БИБЛ.
„Имавме нешто пократок период за подготовки во однос на претходдната година, но мислам дека се мина според планираното. Спремни сме за стартот на сезоната, неблагодарно е да се споредува оваа екипа на самиот почеток со онаа ланската, но она што можам да го ветам е дека ќе се потрудиме да играме убава и атрактивна кошарка како што тоа беше случај и минатата сезона“ – порачува Горан Главчев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА