Главчев: Ова е долга мисија, ме радува што имаме иста визија со селекторот Илиевски

Првиот човек на КФСМ, Томица Главчев, не го крие задоволството од потпишаниот договор со Марјан Илиевски како нов селектор на сениорскиот национален тим.

„Би сакал на претходното раководство на стручниот штаб на репрезентацијата да им се заблагодарам за целокупниот ангажман во А-селекцијата. Тој договор е завршен, ние како ново раководство на федерацијата имавме доста разговори со повеќе личности и лица, со добар дел од нив од објективни или субјективни причини не успеавме да најдеме заеднички јазик. Затоа, би сакал да упатам голема благодарност до Марјан Илиевски за покажаната доверба и прифаќањето на подадената рака од нас. Среќен сум што размислувањата околу правецот ни имаат еден единствен заеднички содржател – дека ќе ни треба подолго време за сите аспекти од една конкретна програма да бидат исполнети до крај“, изјави Главчев.

Тој истакна дека процесот на враќањето на култот кон националниот тим нема да биде краток, но верува дека на крајот ќе успее во големата желба – репрезентативната кошарка да се врати на посакуваните патеки.

„Ние сме горди што Илиевски на крајот прифати да биде селектор, да влеземе во еден проект наречен „решавање на проблемите со нашата А-селекција. Би сакал неколку кратки црти поврзани со оваа работа, со приоритетите пред нас и очекувањата што самите ние ги имаме: Во моментов мора да констатираме дека нашата А-селекција е околу 30. место на ранг-листата на ФИБА. Времињата од пред 15 години кога бевме околу десеттата позиција сега се одамна минати и ако сакаме се впуштаме во посериозна анализа, таа состојба се влошувала. Сакам да бидам оптимист, но реален оптимист, не треба да очекуваме дека во еден краток период сите овие проблеми ќе ги надминеме. Трпението е исправено пред нас, очекувањата мора да бидат реални, да се соочиме со потенцијалот што во моментов располагаме и мислам дека сите заедно можеме да мрднеме напред“, додаде првиот човек на мак-баскетот

Се вчитува...