Долгогодишниот инвеститор во КК Кожув, Томе Главчев, сезонава се повлече од финансирањето на клубот од Гевгелија. Сепак, неговата љубов кон кошарката е преголема за Главчев предолго да биде надвор од овој спорт, па успешниот бизнисмен се реши за стартување на сопствена кошаркарска приказна – формирајќи свој клуб што ќе го носи називот Блокотехна, по делот од градот каде Главчев неодамна изгради модерна спортска сала.
„Можам да потврдам дека формирав нов клуб, што ќе го носи името Блокотехна. Свесно не сакав да го формирам во периодот во кој Кожув се уште немаше формирано ростер за да не му наштетам на клубот чиј дел бев со години. Целта ни е јасна – да работиме исклучиво со македонски кошаркари, а во моментов за членови имаме млади играчи. Се договоривме со Марјан Илиевски за тој да почне да работи со овие млади кошаркари и да им помогне во нивниот развој“ – изјави Главчев за ЕКИПА.
Целта на долгогодишниот спонзор на Кожув е да се создаде тим во кој ќе настапуваат само домашни играчи, при што акцентот во прв момент ќе биде ставен на кошаркари од регионот од Јужна Македонија. Тој стапил во контакт и со дел од помладите кошаркари на Кожув, но исклучиво со оние кои немаат поголема минутажа во тимот од Гевгелија за да не ги наруши плановите на управата на Кожув и тренерот Михајловски.
Играчите кои би се приклучиле на Блокотехна најверојатно во вториот дел од сезоната ќе го носат дресот на второлигашот Радовиш, откако Главчев нашол заеднички јазик со градоначалникот на овој клуб.
„Се договоривме со првиот човек на Радовиш, да му помогнам со одредени играчи за да се зголемат шансите овој тим да влезе во Првата лига. Поради големиот студ првите домашни средби би се играле во мојата сала во Гевгелија, но клубот останува во Радовиш и потоа следните мечеви на домашен терен ќе се играат во тој град. Имаме иста визија со градоначалникот на овој град, се договоривме ако клубот влезе во првата лига да не биде ангажиран ниту еден странец, туку сите играчи да бидат домашни. Можеби нема да се бориме за трофеи, но ќе поставиме темели за здрав клуб. Марјан Илиевски продолжува да ги води тренинзите на Блокотехна, работата ќе ја интензивираме во текот на летото, но тој нема да се меша во Радовиш, каде прв тренер останува Никола Николовски, во кој имам целосна доверба“ – појаснува помагачот на македонската кошарка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА