Борусија Дортмунд се соочува со огромни проблеми пред натпреварот со Аталанта во рамките од плеј-офот во Лигата на шампионите. Тренерот на „милионерите“ Нико Ковач на оваа средба нема да може да смета на Нико Шлотербек и на Никлас Зиле, кои се повредени.
Германскиот тим ја потврди веста дека двајцата нема да бидат достапни на денешниот тренинг, а дополнителен проблем е што и третиот стопер Арон Анселмино предвреме ја заврши позајмицата и се врати во Челси.
Тоа значи дека Борусија со само еден здрав стопер ќе игра против Аталанта, и тоа во името на Валдемар Антон. Со оглед дека Борусија игра со тројца стопери, тогаш Ковач ќе мора да бара решение. Еден од нив е Реми Бензебаини кој се очекува да му прави друштво на Антон, додека третиот стопер ќе биде некој од Јулијан Ријерсон или младиот Филипо Мане.
Овие настани ја отежнуваат работата на Борусија во пресметката со Аталанта. „Милионерите“ и онака имаат големи проблеми како да ја сочуваат мрежа и на натпревари на кои важат за големи фаворити, а сега нивната задача ќе биде уште потешка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

