Глазгов ренџерс му врачи отказ на тренерот

Раководството на Глазгов Ренџерс му врачи отказ на Филип Клемен, откако резултатската криза на шкотскиот гигант кулминираше со саботниот домашен пораз од Сент Мирен.

Клемен се соочи со огромен притисок откако неговиот тим беше елиминиран од ФА Купот на Шкотска од нисколигашот Квинс Парк, тој не успеа да најде излез од кризата, па последниот неуспех против Сент Мирен значеше и негово заминување од клубот.

„Сакаме да му се заблагодариме на Филип за се што направи за нашиот клуб досега, за посветеноста при ангажманот. Соработката престанува, а во најскоро време ќе имаме нови информации околу наследникот на Клемен“, објавија од Глазгов Ренџерс.

Клемен дојде на клупата на Глазгов Ренџерс во октомври 2023, стигна до трофеј во лига-купот на Шкотска, но поради серијата порази од Селтик не успеа да се закити со пехари во Премиер-лигата на Шкотска како и во ФА Купот на оваа земја.

Сезонава тимот имаше далеку послаби резултати, а по поразот на Сент Мирен негативата во однос на лутиот ривал скокна на 13 бода, по што беше донесена одлуката за тренерска смена на „Ајброкс“.

Се вчитува...