Почнува Светското фудбалско првенство, почнува и лудилото што ќе ја обземе целата планета во наредните триесетина дена. Предвидувања, анализи, коментари, свои фаворити, ќе даде речиси секој што и малку е запознат со фудбалската игра. Но, неверојатни анализи прават и сериозни институции, како Универзитетот за економија во Тулуз.
Студентите на овој универзитет изработија интересна студија, анализирајќи ги ликовите на фудбалерите во официјалниот албум со сликички на „Панини“, а согласно тоа предвидоа дека Франција ќе стане светски првак. Можеби и малку субјективно, но сето тоа е образложено во нивната студија.
Франција во финалето ќе ја совлада Шпанија, а третото место ќе го освои селекцијата на Бразил, предвидуваат од Универзитетот во Тулуз.
Студијата е мошне интересна. Анализиран е изразот на лицето на преку 4.000 фудбалери од официјалниот албум со сликички на „Панини“, од 1970 година, па се до 2018 година. Согласно експресиите на лицата на фудбалерите на сликичките, предвидувањата се дека Франција ќе ја освои титулата на Светското првенство во Русија.
„Нашиот тим од Универзитетот за економија во Тулуз изработи студија со која го анализираше изгледот на фудбалерите на сликичките на албумот на „Панини“. И ако се задлабочите во оваа анализа, ќе видите дека селекциите кои имаат фудбалери што се повеќе насмеани, имаат поголема самодоверба и постигнуваат повеќе голови. Оние фудбалери со сериозен изглед на лицето носат поголема борба на теренот и примаат помалку голови. Според сите наши анализи, но и квалитетот на селекциите, предвидовме дека Франција ќе биде светски првак, а во финалето ќе ја совлада Шпанија. Третото место ќе го освои Бразил“, изјави Астрид Хофенсиц, професорката на Универзитетот во Тулуз, која беше носител на ова интересно истражување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА