Вардар и Работнички утре (13 часот) ќе ја спуштат завесата во Првата лига со одложениот натпревар кој ќе ја заокружи есенската полуетапа. Македонскиот првак Вардар се надева на триумф, со кој ќе намали негативата во однос на лидерот Шкендија.
Искусниот играч од средниот ред, Никола Глигоров, вели дека „вардарци“ сакаат да му возвратат на Работнички и за поразот на првото дерби оваа сезона.
„Ова ни е последен натпревар во првенството оваа година, и низ него прво сакаме да ја намалиме бодовната разлика во однос на нашиот ривал за првата позиција на табелата, а второ сакаме на некој начин да му вратиме на Работнички за поразот во првиот натпревар сезонава. Тие беа подобри, сосема заслужено победија, сега утре посакувам и очекувам ние да бидеме подобри и да победиме. Завршува овој прв дел од сезоната во првенството во кој што знаеме дека можевме да поминеме многу подобро. Меѓутоа не ни останува ништо друго, освен да победиме и да ја намалиме разликата, и да се обидеме во пролетниот дел од сезоната да стигнеме до тоа прво место кое што секогаш е целта. Со Работнички ќе биде тежок натпревар, очекувам добра игра на Вардар и на крајот освојување на три бода“, вели Глигоров за официјалниот сајт на Вардар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА