Жан Мишел Сери пред две сезони имаше одлична сезона во дресот на Ница, по што се најде во фокусот на вниманието на неколку европски гиганти. Барселона испрати понуда од 35 милиони евра што беше одбиена, се споменуваа и Баерн Минхен, Челси и Арсенал, но челниците на Ница решија да не го продадат Сери, сметајќи дека ќе им помогне да обезбедат место во ЛШ. Не само што тоа не се случи, туку и вредноста на овој фудбалер за врска значително опадна, па тој денеска и официјално потпиша договор со новиот премиерлигаш Фулам за отштета од 20 милиони евра.
Изборот на нов клуб на Сери е изненадувачки ако се знае дека Арсенал и Челси повторно беа поврзувани со негов ангажман, па кога беше објавено дека тој пристигнува во Лондон на лекарски прегледи прогнозите беа дека Французинот ќе потпише за еден од овие два гиганти. Сепак, екс-фудбалерот на Ница ги изненади сите прифаќајќи ја понудата на Фулам, како големо засилување за тимот на Славиша Јокановиќ при враќањето во елитното друштво.
Следен потег за Фулам се преговорите со Њукасл за целосно откупување на договорот на Александар Митровиќ, кој лани за петмесечната позајмица се претвори во херој на лондонскиот клуб, предводејќи го во битката за влез во Премиер-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА