Го бараа Јунајтед и Арсенал, дефанзивецот потпиша за Астон Вила

Шпанскиот репрезентативец Пау Торес го напушти Вилјареал и се пресели во Премиер-лигата, но сосема изненадувачки негов нов клуб е Астон Вила.

За услугите на 26-годишниот дефанзивец во последните две години сериозен интерес покажаа Манчестер Јунајтед и Арсенал, но двата клуба не успеаја да постигнат договор со Вилјареал испраќајќи само понуди за позајмица. Најдобро се снајдоа челниците на Астон Вила, кои на инсистирање на Унаи Емери водеа интензивни преговори и на крајот постигнаа целосен договор, по што Торес денеска потпиша договор со тимот од „Вила Парк“.

Јасно е дека главен „виновник“ за трансферот е токму тренерот Унаи Емери, кој имаше беспрекорна соработка со Торес во Вилјареал, тим со кој двајцата во 2021 година стигнаа до пехарот во Лигата на Европа.

Висината на трансферот изнесува загарантирани 32,5 милиони евра за шпанскиот клуб, плус дополнителни пет милиони евра доколку се активираат неколкуте клаузули поврзани со бројот на настапи на дефанзивецот, но и пласманот на Астон Вила и евентуалните учества во европските купови.

Се вчитува...