Марко Росе е изборот на раководството на Борусија Дортмунд за предводник на „милионерите“ од наредната сезона по слабите игри и резултати на „жолто-црните“ во последните месеци. Ситуацијата не се промени со отказот што му беше даден на Фавр, привремениот тренер Терзиќ не ги оправда очекувањата, но тој сепак ќе остане на чело на тимот на Борусија до крајот на сезонава.
Причина – Марко Росе има договор со Борусија Менхенгладбах со клаузула според која може да си замине на крајот од сезонава, опција што германскиот стручњак е подготвен да ја активира за да се пресели во Дортмунд. Станува збор за стратег што пред неколку сезони го видовме и во Скопје, кога со тимот на Салцбург рутински славеше над Шкендија во двомечот од квалификациите за Лигата на Шампионите во август 2018 година.
Росе потоа се пресели во Борусија Менхенгладбах, успевајќи да го одведе тимот и во Лигата на Шампионите, но и покрај понудата да остане во овој клуб сепак се решил да се пресели во Дортмунд.
„Имавме многу разговори со нашиот тренер за да ја продолжиме соработката, но тој е решен да ја активира клаузулата за заминување бидејќи желба му е да замине во Борусија Дортмунд во текот на летото“, истакна Макс Еберл, спортски директор на Борусија Менхенгладбах.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

