Првиот ден од новата 2019 година, без сомнение, е повеќе од добра можност за потсетување на најдоброто од светот на спортот во изминатите 365 дена.
2018 година понуди неколку големи спортски натпреварувања кои дефинитивно нема така лесно да се заборават.
Франција е светскиот шампион во фудбал
Секако, не може а да не се започне со Светското првенство во фудбал во Русија, натпреварување кое главно ја одбележа целата година. Вторпат во историјата златото замина кај Франција, а Хрватска стигна до најдобриот резултат во својата историја – вицешампионската титула. Французите до златото дојдоа со убедлива победа од 4-1 во финалето, а до големото славје претходно ги решија и Белгија, Уругвај, Аргентина, Австралија и Перу, а ремизираа со Данска. Третото место на шампионатот, за првпат во историјата, го освои Данска.
Полјак за историја на „Четири скокалници“
Спортската 2018 година традиционално почна со новогодишната турнеа „Четири скокалници“ а во историјата се запиша Полјакот, Камил Штох кој е само вториот скокач кој остварил победи на сите четири скокалници.
Шпанија конечно до европско злато во ракомет
Ракометот минатата година беше во знакот на Шпанија која стигна до европската круна. Во финалето на ЕП, Шпанците славеа со 29-23 против Шведска.
Норвешка најуспешна на ЗОИ
Норвешка беше најуспешна нација на Зимските олимписки игри кои се одржаа во Пјонгчан, Јужна Кореја. Норвежаните освоија 39 медали од кои 14 златни, 14 сребрени и 11 бронзени, со што го сруши дотогашниот рекорд на олимписката селекција на САД која осум години претходно освои 37 медали. На ЗОИ вкупно медали освоија 30 земји.
Доминација на Србија во ватерполо и во одбојка
Србија беше европски шампион во ватерполот. Во Барселона славеа против домаќинот Шпанија во финалето по изведувањето на пеналите со 12-10 па стигнаа до четвртата едноподруго европска титула.
Србија ја освои светската круна и во женска одбојка. Одбојкарките на северниот сосед на СП во Јапонија во финалето славеа против Италија со 3-2. На тој начин го обединија светското злато со она европското кое го освоија една година претходно. Во машката одбојка, пак, до светската титула стигна Полска која во финалето во Торино со 3-0 го победи Бразил.
Новак Ѓоковиќ повторно е број 1
Во светот на тенисот големо враќање на Новак Ѓоковиќ кој годината ја заврши како најдобар светски тенисер. По две години и големи проблеми со повредите повторно се врати на врвот. Ѓоковиќ, со Надал и со Федерер, ги подели и гранд-слем насловите. Федерер го освои Австралија Опен, Надал стигна до титулата на Роланд Гарос а Ѓоковиќ ги освои Вимблдон и УС Опен.
Моќни „кралеви“: За фудбалерите на Реал Мадрид и трета по ред Лига на шампиони, за кошаркарите „децима“
Реал Мадрид доминираше во клупскиот фудбал и кошарка. Фудбалерите стигнаа до третата едноподруго титула во Лигата на шампиони победувајќи го Ливерпул во финалето. Шампионски титули во најсилните пет европски лиги, пак, освоија Барселона, Јувентус, Манчестер сити, Баерн Минхен и ПСЖ.
Кошаркарите на Реал Мадрид пак стигнаа и до десеттата титула европски шампиони. Во финалето од Евролигата со 85-80 го победија Фенербахче.
Голден стејт – НБА шампион, Филаделфија иглс до НФЛ трофејот
До третиот шампионски прстен во последните четири години во НБА лигата дојдоа кошаркарите на Голден Стејт. Во финалната серија славеа против Кливленд со убедливи 4-0.
Во мечот на годината, пак, Филаделфија стигна до трофејот во американскиот фудбал со победата на спектакуларниот „Супер боул“ од 41-33 против Њу Ингланд патриотс. Том Брејди го загуби своето трето финале, но стана првиот играч во историјата кој во Супер боул додавањата освоил повеќе од 500 јарди.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА