Единствениот македонски претставник на европска сцена, тимот на Шкендија, ќе го пречека англискиот премиерлигаш Тотенхем во третото коло од квалификациите од годинашното издание на Лигата на Европа. Тренерот на Шкендија Ернест Ѓока вели дека Тотенхем е огромен фаворит, но бара од фудбалерите да го дадат максимумот.
„Натпреварот е специфичен бидејќи сите знаеме кој е Тотенхем и што тие претставуваат. Ние сме подготвени и знам дека утре ќе дадеме максимум и ќе видиме дали тоа ќе биде доволно. Свесни сме за големата разлика меѓу двата клуба, сепак мора да пробаме да бидеме дисциплинирани и да ги завршиме нашите задачи. Знаеме дека изненадувања се случуваат“, изјави Ѓока.
Ѓока коментираше и околу тоа што ќе се сретне со еден од најдобрите тренери во историјата.
„Кога даваш максимум и играш најдобро што можеш, судбината е таква да ги поврзе коцките и да ти понуди да играш со еден од најдобрите тренери во светот. Тоа е голема чест. Мурињо прашал за Шкендија и тоа е нормална работа за светот во кој тој живее. Да го праша Пандев и тоа е нормална работа бидејќи му бил играч. Јас сум сигурен дека Пандев му ја кажал вистината дека Шкендија е локомотивата на македонскиот фудбал“, додаде Ѓока.
Натпреварот на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје е закажан за утре со почеток во 20 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА