Ѓоко Хаџиевски открива во „ПРЕСИНГ“: „Не можев да издржам во оној Вардар на Самсоненко, а сега очигледно не сум „подобен“ за клубот!? (ВИДЕО)

Најтрофејниот македонски тренер во историјата, Ѓоко Хаџиевски гостувајќи во најновата епизода на „ПРЕСИНГ“ зборуваше на многу теми, меѓу кои секако неизбежно осврнувајќи се и на својот Вардар каде ги донесе најголемите успеси во историјата на клубот.

Хаџиевски има пет шампионски титули со Вардар и два освоени трофеи во Купот на Македонија, што го издвојува како една од најзначајните личности на клубот во неговата историја.

Токму затоа беше повикан и да биде спортски директор во 2014 година во оној Вардар на Сергеј Самсоненко. Но, успеа да издржи само четири месеци со рускиот газда, не согласувајќи се со начинот на кој се води клубот.

„Бев првиот спортски директор во негово раководство во Вардар. Имав амбиција, нормално, се знае колку сум направил со Вардар и какви резултати. Да повторам, пет пати прваци бевме. Пет години сум бил тренер на Вардар, пет пати бевме прваци. Два купа освоивме и еднаш влеговме со Вардар од Втора во Прва лига на Југославија. Нормално, јас сум бил врзан со цела јавност поддржувачи на Вардар, и со навивачи и со обични луѓе, итн. И сега веќе јас ако сум вардарец, ако сум донесен како спортски директор да помогнам, се знае за што сум донесен… Јас не сум за за финансии, да бркам пари во Вардар. Јас сум за да селектирам, за да поддржувам, да помогнам на шефот на стручниот штаб во работата, не да му го правам тимот, туку да помогнам. Меѓутоа, кога видов дека јас немам приод кон првиот тренер на Вардар, тогаш беше Андреев, овој Русинот. Тој мене ме избегава, кога слушнав дека не е приоритетот да се создаваат играчи, а основна стратегија на секој клуб е да создадеш и да продадеш. Тешко е да можеш ти да не продаваш играчи, а да финансираш клуб. И сега ти кога слушаш дека не им е интенцијата да создаваш и да продаваш, што имам тогаш јас, какво место имам тука? И јас се заблагодарив на се и реков ова не е за мене. Јас Вардар го сакам, меѓутоа не можам да сум кукла тука, да стојам со рацете во џебот, да гледам од страна, а да сум тука и мене јавноста да ме прашува, како спортски директор, што станува со Вардар, зошто нема резултати а јас да немам одговор. Тогаш Вардар не излезе ни во Европа, тие првите шест месеци. И јас се повлеков. Како што реков јас во моментот кога ќе видам дека не ми се дава можност да јас го формирам тимот да работам на терен, јас се повлекувам“ – открива Хаџиевски.

Потоа, Ѓоко повторно се враќа во 2023 година и тоа на молба на „Комитите“, кои тогаш го презедоа Вардар и го одржуваа од ништо во живот. Хаџиевски беше во клубот кога тој беше „оставен на улица“…

„Јас тоа лето, нормално, чекав како и многу години порано, нов, ангажман. Во контакт си, работиш цело време. Вардар беше во тешка ситуација. Знаете дека собираше пари за лиценца, воопшто за да може да започне со првенството. Мики Миленковски, претседател тогаш на групата на Комитите, кои што го спасија клубот, ме замоли: „Ѓоко те молиме да ни помогнеш, многу би ни значело“. Прифатив да им помогнам иако имав можност за трансфер, и еден ден после тоа имав понуда за работа. Но, јас им реков дека не можам да ги одбијам. Сè што можам ќе ви помогнам во овој период, бесплатно. Значи, јас не сум земал ниту една банка. Молбите во тој период на раководството, значи на Вардар тогашното, да ургирам во институции кои што треба да помогнат на Вардар. А, во тој момент Социјалдемократски сојуз беше на влас, каде требаше да се разговара со институциите. И сега, ако јас пријателството го користам за Вардар, не го користам за мене лично. Јас не сум барал за мене ништо, сум барал за Вардар да помогнам. Тоа не значи дека јас се декларирам како поддржувач на таа партија. За да покасно, значи што се случи. Јас реков јас не можам вечно да работам. Јас живеам од фудбалот. Кога дојде понуда од Саудиска Арабија, таму септември-октомври некаде, им кажав дека пак сум тука да ви помогнам. Веќе се фати редот малку. И тие рекоа: „Ти си вечно наш спортски директор. Ова не го забораваме. Ти што си ни помогнал во најтешки моменти и си го држиме контактот со тебе, сите работи“. Заминав во Саудиска Арабија“.

Но, иако се очекуваше по средување на нештата да има место за Ѓоко Хаџиевски во клубот, од тоа ништо…

„Во меѓувреме се сменија работите и испадна дека не сум подобен јас во новото конституирање и помошта на Вардар. Така го разбирам, никако поинаку. Зошто секогаш политиката мешала прсти, а јас уште еднаш ќе кажам, јас не сум бил на митинг во животот. Никогаш јавно не сум се декларирал дека сум за едни или за други. Тоа што си имам јас приватно пријателство со некои, тоа е мој личен избор. Јас имам пријатели од сите страни. Значи, затоа треба да бираат малку зборови кога ме етикетираат каков сум каков човек. Јас сум во спортот, во фудбалот, го сакам фудбалот, помагам на сите. Но, имам и достоинство на крајот на краевите. Не чукам на врата, не молам“ – вели Хаџиевски.


ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ТУКА…

Се вчитува...