ЃОКО ХАЏИЕВСКИ за ривалитетот со Беласица и битката на Вардар сам против сите: „Бате Ване беше повеќе од претседател на федерација…“ (ВИДЕО)

Вардар во сезоните 2001/2002 и 2002/2003, наспроти бројните неправди од противниците во македонскиот фудбал, успеа под водство на Ѓоко Хаџиевски да стигне до двете шампионски титули.

Хаџиевски во најновиот подкаст „ПРЕСИНГ“ се потсетува на тие години ривалитет со Беласица, истакнувајќи дека легендарниот Ванчо Таковски во тоа време бил буквално се во македонскиот фудбал. Но, Вардар, воден токму од Хаџеиевски, и покрај се, успеа да дојде до два едноподруго трофеи.

„Тогаш беше огромен ривалитетот со Беласица. Но, Вардар беше буквално сам против сите. Кога веќе ме прашувате знаете ли каква беше ситуацијата. Сопственикот на Беласица, Ванчо Таковски ги земаше листите на судии и сам диктираше кој судија каде ќе суди. Тој беше повеќе од претседател на Фудбалската федерација на Македонија. Бате Ване Таковски веруваше дека тие две години Беласица ќе дојде до трофеите, но ние создадовме одлична генерација и им пркосевме на сите и покрај големите неправди. И така ги освоивме двете титули и во 2002 и во 2003 година. Многумина ќе речат дека во втората година, на некоја пријателска база сме го добиле последниот натпревар со Слога Југомагнат за титула, но ние претходно веќе го трасиравме патот до трофеј, но во претпоследното коло на натпреварот со Работнички водевме со 2-1 а во 95. минута ни беше досуден непостоечки пенал и загубивме два бода. Да не беше тој пенал, нас натпреварот со Слога Југомагнат на крај воопшто немаше да ни биде важен“ – вели Хаџиевски, и дополнува:

„Е тоа беше фактичката состојба во битката за трофеи во македонскиот фудбал тие години. На Вардар на домашен терен му судеа непостоечки пенали во 95. минута. Не дај боже во тоа време да судеа така пенали на Беласица, на Слога, на Победа, па судиите живи нема да излезеа“.

Во секој случај, Хаџиевски потенцира дека Ванчо Таковски креирал силна Беласица за која нема збор…

„Да, неспорно е дека Таковски создаде силна Беласица, вложи многу во инфраструктурата и во клубот, ги создаде оние генерации на Пандев, Стојков, Попов, Балдовалиев, Стојанов и останатите и тоа не се заборава и никој не може да го оспори. Но, како тој што се бореше за Беласица така јас и Вардар си се боревме за нас. И на сите во тие две сезони им замрсивме сметките со двете освоени титули. А, потоа Вардар цели осум години не беше шампион“ – истакнува Ѓоко Хаџиевски во „ПРЕСИНГ“.


ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ СО ЃОКО ХАЏИЕВСКИ МОЖЕ ДА ГО ПОГЛЕДНЕТЕ ТУКА…

Се вчитува...