Бранителот на трофејот на Ролан Гарос, српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ имаше екстремно тежок меч против Аргентинецот Диего Шварцман и успеа да го добие со 3-2 во сетови. Вториот светски рекет имаше негатива од 2-1 во сетови, но дури во завршницата заигра на свое ниво и се пласира во осминафиналето на гранслем турнирот во Париз.
Шварцман го изненади Ѓоковиќ уште во воведниот сет. Србинот водеше со 4-1 во гемови и тоа најавуваше лесна задача за него, но потоа Шварцман се разигра, израмни на 4-4, а потоа и го доби сетот со 7-5.
Ѓоковиќ возврати во вториот сет, добивајќи го со 6-3 во гемови, но Шварцман не се предаваше. Тој на идентичен начин го освои третиот сет со 6-3 во гемови.
И дури кога почувствува и можна елиминација, Ѓоковиќ заигра во свој стил. Во следните два сета му дозволи само два гема на Аргентинецот, ги освои со 6-1, 6-1, и го комплетираше мечот за пласман во следната рунда.
Рафаел Надал му дозволи само еден гем во целиот меч на Николоз Басилашвили од Грузија, победувајќи со 6-0, 6-1, 6-0.
Кај дамите, Гарбине Мугуруза со 2-0 во сетови ја совлада Јулија Путинцева од Казахстан. Првиот сет го доби со 7-5, а вториот со 6-2 во гемови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА