Новак Ѓоковиќ е на само еден триумф од јубилејниот 100. трофеј во фантастичната кариера откако српскиот тенисер се пласираше во големото финале од мастерс-турнирот во Мајами. Србинот веќе подолго време стои на 99 титули во кариерата, а по серијата добри игри и денешната полуфинална победа над Григор Димитров, сега само еден чекор го дели Новак од неверојатното достигнување.
Интересно, мечот почна со брејк на Димитров и предност на бугарскиот тенисер од 0-1, но Новак експресно возврати, а потоа и наметна темпо што противникот не можеше да го следи. Бугаринот беше надвор од ритам, направи 13 неизнудени грешки во првиот сет, а ривал како Ѓоковиќ знаеше како да го искористи тоа и поведе со 6-2.
Серијата на Ѓоковиќ продолжи и на стартот од вториот сет, што Србинот го отвори со експресни 3-0. Димитров успеа да го стабилизира сопствениот сервис, но Ѓоковиќ беше доволно искусен за рутински да го приведе мечот до крај, добивајќи го вториот сет со конечни 6-3.
Ривал на Новак Ѓоковиќ во големото финале ќе му биде победникот од второто полуфинале во кое третиот носител Фриц ќе се сретне со Чехот Менсик.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА