Ѓоковиќ е во големото финале на ОИ, следи нов мега-дуел со Алкараз

Новак Ѓоковиќ е вториот финалист на ОИ во Париз откако српскиот ас успеа да слави во полуфиналната пресметка со Мусети со 2-0, останувајќи без загубен сет од самиот почеток на овој олимписки турнир. Со овој триумф, Новак си закажа финале против Карлос Алкараз, во обид да се одмазди за последниот пораз на Вимблдон и да дојде до трофејот што толку долго го сонува и што му недостига – златно олимписко одличје.

Денешното полуфинале мина во израмнета битка во првиот сет, а Ѓоковиќ не искористи четири брејк топки при водство од 2-1. Мусети делуваше сигурно се со 5-4, кога имаше и 40-0 на свој сервис, но следеа пет поени во низа на Ѓоковиќ за конечни 6-4 и предност од 1-0 за српскиот тенисер.

Новак потоа неочекувано нервозно влезе во вториот сет, ги загуби првите два гејма на свој сервис, но затоа експресно возвраќаше со рибрејкови на сервисот на Мусети. По 2-2 Ѓоковиќ конечно го одбрани и сопствениот сервис, по што полн со самодоверба стигна до уште два брејка, за конечни 6-4, 6-2 и прво олимписко финале на најдобриот тенисер на сите времиња.

Се вчитува...