Новак Ѓоковиќ е вториот финалист на Австралија опен откако српскиот тенисер утрово во феноменален натпревар го прегази Лукас Пуј со 3-0 во сетови. Откако Надал во првото полуфинале го совлада Циципас со максимален резултат, Ѓоковиќ денеска одигра уште поимпресивно од Шпанецот, доминирајќи од почеток до крај и на противникот препуштајќи му само четири гејма.
Првиот сет мина во апсолутна доминација на српскиот тенисер, кој славеше со максимални 6-0 во гејмови добивајќи 28 поени наспроти само 12 на Пуиј. Французинот направи десет неизнудени грешки наспроти само една на Ѓоковиќ, а првиот носител имаше и 11 винер-удари наспроти пет на противникот.
Францускиот тенисер првиот гејм го освои на стартот од вториот сет, за израмнување на 1-1, но и тогаш беше јасно дека тој ќе нема начин да го запре феноменалниот Ѓоковиќ. Српскиот тенисер набрзина направи два брејка и го доби сетот со 6-2, а потоа на идентичен начин славеше и во третиот сет, за конечна победа од 6-0, 6-2, 6-2.
Едно е јасно, неделното финале ќе биде фантастично, првиот носител Ѓоковиќ против Рафаел Надал, кој се уште е без загубен сет во Мелбурн годинава. Спектакл што не смее да се пропушти.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА