Ѓоковиќ го преслуша омилениот пациент и закажа спектакл со Алкараз

Новак Ѓоковиќ продолжува со извонредните настапи на УС Опен откако српскиот тенисер успеа да слави над домашниот миленик Тејлор Фриц со 3-1 во сетови и да се пласира во полуфиналето. Фриц влезе во ова четвртфинале со десет порази во низа од Србинот, црна серија што најавуваше дека ќе ја прекине токму во Њујорк, но Ѓоковиќ повторно одигра импресивно, знаеше како да ги искористи своите шанси и стигна до своето 14. полуфинале на УС Опен, израмнувајќи го рекордот на легендарниот Џими Конорс.

Ѓоковиќ отвори одлично и го зеде првиот сервис на противникот, експресно поведувајќи со 3-0. Фриц имаше шанса да се врати при 5-3, но Новак спаси пет брејк-топки, по што го доби сетот со 6-3. Во вториот сет се играше многу поизрамнето, Ѓоковиќ поведе со 5-3, Фриц возврати со брејк и израмни на 5-5, но Србинот беше фокусиран кога беше најважно и славеше со 7-5. Американскиот тенисер бодрен од трибините успеа да го добие третиот сет со 3-6, но Ѓоковиќ имаше одговор, славеше во четвртиот сет со 6-4 и стигна до билет за полуфиналето.

Следен предизвик за српската тениска легенда ќе биде вториот носител Карлос Алкараз, дуел што сигурно ќе претставува апсолутен тениски спектакл.

Пласман во полуфиналето на женскиот дел од турнирот обезбеди првата носителка Сабаленка, и тоа без борба откако нејзината противничка Вондрушова поради повреда го предаде мечот пред воопшто да започне. За Сабаленка ова е 11. полуфинале на последните 12 гранслем турнири на кои Белорусинката учествувала, а таму за ривалка ќе ја има Американката Пегула.

Се вчитува...