Новак Ѓоковиќ останува убедлив на врвот на АТП листата и покрај раната елиминација на Мастерс турнирот во Индијан Велс. Србинот го држи врвот со 10 990 поени, односно 1100 повеќе од второпласираниот Шпанец, Рафаел Надал, кој поради повреда на коленото мораше да го предаде дуелот од полуфиналето против Роџер Федерер. На трета позиција се наоѓа Германецот, Александар Зверев.
Скок од четири места и најдобар пласман во кариерата забележа освојувачот на турнирот во „пустината“ Доминик Тим од Австрија кој во финалето го совлада Рожер Федерер, кој на негова сметка назадуваше едно место на листата. Во топ 10 уште се наоѓаат: Кеј Нишикори, Кевин Андерсон, Хуан Мартин Дел Потро, Џон Иснер и Стефанос Циципас.
Кај дамите Наоми Осака останува прва со минимална предност од 440 поен, пред Петра Квитова која напредуваше една позиција на листата, на сметка на Симона Халеп која сега е трета. Финалистката од Индијан Велс, Анжелик Кербер напредуваше четири позиции и сега се наоѓа на четвртото место. Во топ 10 уште се и: Елина Свитолина, Слоун Стивенс, Каролина Плишкова, Кики Бертенс, Арина Сабаљенка и Серена Вилијамс.
Освојувачката на Индијан Велс, осумнаесгодишната канадска тинејџерка Бјанка Андреску напредуваше 36 места на ВТА ранкингот и сега се наоѓа на 24. место. Нашата најдобра тенисерка Лина Ѓорческа, забележа пад од една позиција и сега се наоѓа на 384 место со 92 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА