Претстојниот мастерс-турнир во Торонто ќе бидде значајно осиромашен на квалитет откако двајца од најдобрите светски тенисери во моментов објавија дека нема да бидат дел од овој турнир.
Првиот носител Јаник Синер се мачеше со повреда на лакотот за време на Вимблдон, Италијанецот и покрај сите проблеми успеа да стигне до трофејот, но сега реши да земе продолжен одмор за да може да ги наполни батериите за претстојното издание на УС Опен.
„Жалам што нема да можам да играм во Торонто, особено бидејќи имам толку убави спомени од Канада. Победата на овој турнир пред две години беше почеток на нешто многу убаво за мене, но сепак по консултациите со мојот тим решивме дека морам да одморам повеќе по напорниот период што го имав“, објави Синер.
Покрај првиот светски рекет, во Торонто нема да го гледаме ниту најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ. Србинот кој има четири трофеи на овој турнир и е апсолутен рекордер со 40 мастерс-пехари во кариерата, исто така поради повреда го откажал учеството.
„Разочарани сме што Јаник и Новак нема да играат годинава, тоа се двајца големи шампиони што фановите со нетрпение чекаа да ги видат на теренот“, изјави директорот на турнирот во Торонто, Карл Хејл.
Покрај овие двајца врвни тенисери, учеството го откажа и петтиот носител Џек Дрејпер. Барем засега е предвидено да учествуваат вториот и третиот светски рекет, Карлос Алкараз и Александар Зверев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

