Новак Ѓоковиќ и Доминик Тим ќе се сретнат во второто полуфинале од Ролан Гарос, по рутинските и убедливи победи што двајцата тенисери ги забележаа на денешните четвртфинални пресметки.
Ѓоковиќ за ривал го имаше Александар Зверев, кој само неполн сет му парираше достојно на првиот носител. При резултат 4-4 Зверев стигна до брејк и сервираше за водство од 1-0 во сетови, но младиот Германец не ја искристи шансата. Ѓоковиќ ги доби следните три гејма (два од нив со брејк), триумфираше во стартниот сет со 7-5, а потоа поведе со 3-0 во вториот дел од мечот и ја најави лесната победа (7-5, 6-3, 6-2).
Негов следен противник ќе биде Доминик Тим, кој исто така со 3-0 во сетови славеше во својот четвртфинален дуел против Русинот Хачанов. Австриецот го отвори мечот со брејк и потоа доминираше од почеток до крај, за победа со убедливи 6-2, 6-4, 6-2.
Во првиот полуфинален дуел што на програмата ќе биде утре силите ќе ги одмерат Роџер Федерер и Рафаел Надал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА