Новак Ѓоковиќ мора да биде задоволен од својот одличен настап досега на Вимблдон, откако српскиот ас ја мина и осминафиналната пречка без притоа да загуби ниту еден единствен сет. Тоа му дава самодоверба на Србинот пред клучните мечеви во битката за трофејот, но Ѓоковиќ јавно проговори за сериозниот проблем со терените на Вимблдон.
„Не можам да поверувам колку е лоша состојбата на терените. Денеска играв на Централниот терен и на средина од игралиштето забележав дупка. Му кажав на судијата, а потоа кога му ја покажав многу се изненади. Сите тенисери го мислат истото, неверојатно е колку се лоши условите за игра. Знам дека луѓето од организацијата прават се, но тревата е најтешка подлога за одржување“ – изјави Ѓоковиќ.
Тој утре ќе го продолжи настапот на Вимблдон со четвртфиналната пресметка против Томаш Бердих.
„Морам да сум задоволен бидејќи играм одлично на трева. Победив без загубен сет на турнирот во Истбурн, серијата ја продолжив и на Вимблдон. Знам дека најтешкото допрва претстои, но јас се чувствувам одлично и со право со оптимизам гледам на завршницата на овој гранслем турнир“ – истакнува Новак Ѓоковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА