Новак Ѓоковиќ за првпат проговори откако Здружението на професионалци во тенисот (ПТПА) поднесе тужба против светските тениски челници.
ПТПА, организација основана од самиот Ѓоковиќ, го шокираше тенискиот свет со официјална тужба против големите тениски тела како што се АТП, ВТА, ИТФ и ИТИА.
Беше објавено дека е разговарано со над 250 играчи кои ги поддржале, а во тужбата се наведува дека гореспоменатите организации имаат „целосна контрола врз заработката и работните услови на играчите“, нарекувајќи ги „картел“. Тужбата ја потпишаа играчи како Ник Кирјос, Рајли Опелка и Тенис Сандгрен, но не и Новак Ѓоковиќ.
„Никогаш не сум бил љубител на поделби во нашиот спорт, но секогаш сум се борел за подобра репрезентација и подобра позиција за играчите, која мислам дека сè уште не е онаму каде што повеќето играчи би сакале да бидат“ – рече Ѓоковиќ за тужбата по пристигнувањето во Мајами и индиректно објасни зошто неговото име не е вклучено во тужбата.
„Ова е класична тужба, ситуација меѓу адвокатите. И, да бидам целосно искрен, има работи со кои се согласувам во тужбата, а некои не“.
Најголемиот на сите времиња тогаш истакна еден загрижувачки факт за тенисот, кој е една од главните причини зошто постои основа за тужба.
„Некои истражувања кои се направени за популарноста на спортот велат дека тенисот е трет или четврти најпопуларен спорт на планетата. Мислам дека го делиме третото место со крикетот. Првото е, се разбира, фудбалот. Кошарката ја следат речиси две милијарди луѓе, а потоа крикетот и тенисот со 1,3 милијарди. Но, во однос на искористувањето на потенцијалот и комерцијалната вредност – ние сме на деветтото место“.
Да потсетиме дека дел од тужбата за ПТПА е посветен на скандалозниот третман на малку познатата француска тенисерка која моментално е суспендирана поради наводно местење натпревари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА