Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ ја освои титулата на гренслем турнирот УС Опен, откако во финалето го совлада Аргентинецот Хуан Мартин дел Потро со 3-0 во сетови (6-3, 7-6, 6-3). Тоа е трет пехар за него на овој престижен турнир и 14.гренслем титула во кариерата. Србинот на фантастичен начин ја завршува сезоната на турнирите од „големиот шлем“.
Ѓоковиќ се прикажа во врвно издание во финалната пресметка и Дел Потро немаше вистински одговор. По речиси три и пол часа врвен тенис, српскиот тенисер успеа да го совлада Дел Потро.
Ѓоковиќ го освои првиот сет со 6-3, а Дел Потро даде силен отпор во вториот. Се играше тај-брејк, а во неизвесната завршница сепак Србинот имаше подобра концентрација и славеше со 7-4 на поени.
Во третиот сет, Ѓоковиќ поведе со 3-1 во гемови, но Аргентинецот веднаш возврати и израмни на 3-3. Потоа следеше нов брејк од Ѓоковиќ, по што успеа да го комплетира мечот со 6-3 во гемови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА