Новак Ѓоковиќ го одигра еден од своите најдобри мечеви годинава откако српскиот ас во голем стил го совлада домашниот миленик Еванс и се пласираше во третото коло од Вимблдон. Србинот делуваше навистина импресивно, мина на теренот помалку од два часа, не дозволувајќи му на противникот ниту на момент да се понадева на сензација на овој дуел.
Првиот сет заврши со 6-3 за Новак, но само поради неговата слаба реализација на брејк-шансите. Ѓоковиќ не ги искористи првите девет шанси да стигне до брејк на овој меч, но откако конечно поведе со 5-3 по една неизнудена грешка на противникот, тој продолжи со извонреден тенис во остатокот од мечот. Во вториот сет Србинот славеше со 6-2, а потоа продолжи уште поубедливо во третиот дел од мечот, триумфирајќи со максимални 6-0.
Ѓоковиќ во третото коло го очекува „српско дерби“ на Вимблдон против Кецмановиќ, кој денеска беше подобар во дуелот со Де Јонг од Холандија, триумфирајќи со 3-1 во сетови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

