Повлекувањето на Рафаел Надал од завршниот турнир на осумтемина најдобри тенисери во сезоната значи дека Новак Ѓоковиќ 2018 година ќе ја заврши на водечката позиција на АТП листата. Со оглед на бодовната разлика меѓу Србинот и најблискиот конкурент, Роџер Федерер е таква што Швајцарецот нема шанси да стигне до првото место. Со ова Ѓоковиќ се израмнува со Федерер откако петти пат во кариерата годината ја завршува како најдобар.
Местото на Надал во Лондон ќе го зазема Американецот Џон Иснер кој е деветти на ранкингот.
Ова е втора измена во учесниците на завршниот турнир во Лондон. Претходно се откажа и Хуан Мартин дел Потро, а го замени Кеи Нишикори. Откажувањето на Надал носи и промени во ждрепката, па сега Ѓоковиќ и Федерер нема да бидат во иста група. Турнирот ќе се одржува во „О2 Арена“ во Лондон од 11 до 18 ноември.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА